13 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на изјавата на премиерот во врска со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, оценувајќи дека станува збор за обид да се избегне институционалната одговорност. Од партијата велат дека тврдењето на премиерот дека се работи за „наследен проблем“ не е оправдано, бидејќи, според нив, станува збор за право што директно произлегува од Уставот и од Законот за употреба на јазиците.
„Изјавата на премиерот дека прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик е ‘наследен проблем’ претставува обид да се избегне одговорноста за неспроведување на право кое директно произлегува од Уставот и од Законот за употреба на јазиците“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Од партијата нагласуваат дека албанскиот јазик е службен јазик во Република Северна Македонија и дека овој статус не е предмет на политичко толкување, туку уставна и законска реалност што треба да ја почитуваат сите институции.
„Албанскиот јазик е службен јазик во Република Северна Македонија. Ова не е политичко толкување, туку уставна и законска реалност што треба да ја почитува секоја државна институција“, стои во соопштението.
ДУИ потсетува дека Законот за употреба на јазиците е донесен токму со цел да се гарантира јазичната еднаквост и да се зајакне мултиетничкиот карактер на државата. Според партијата, обидите овој закон да се претстави како „проблем“ или одговорноста да се префрли на други не придонесуваат ниту за вистината ниту за институционалната стабилност на земјата.
Во реакцијата се наведува и дека албанските студенти не бараат привилегии, туку спроведување на постојните закони.
„Албанските студенти не бараат привилегии. Тие бараат само спроведување на Уставот и законите кои се во сила“, нагласуваат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека Владата има законска обврска да обезбеди спроведување на јазичните права и дека секое одложување во таа насока претставува чекор назад за демократските стандарди.
„Владата има обврска да го спроведува законот, а не да го релативизира преку политички оправдувања. Секое доцнење или пречка во остварувањето на ова право претставува чекор назад за еднаквоста и демократските стандарди на државата“, се наведува во реакцијата.
На крај, ДУИ потсетува дека Република Северна Македонија е изградена врз принципот на еднаквост меѓу заедниците и почитување на јазичните права.
„Република Северна Македонија е изградена врз принципот на еднаквост меѓу заедниците и почитување на јазичните права. Овие принципи не се предмет на преговори и не можат да се третираат како ‘наследени проблеми’, туку како обврски што мора да се спроведуваат“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Филипче: Мицкоски е чувар на столчето за враќање на вистинскиот шеф – Груевски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

