ДУИ со јасен повик: Ако немате страв од народот – ајде на предвремени избори!
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес јавно им се обрати на албанските партии што се дел од владината коалиција, со силен и недвосмислен повик за одржување предвремени парламентарни избори.
„Ако немате страв од волјата на народот, тогаш ајде на избори!“ стои во соопштението потпишано од Дрен Гаши од ДУИ.
ДУИ ги повикува партиите ако навистина веруваат дека народот се согласува губитничките партии да ги претставуваат Албанците, ако сметаат дека е нормално Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците да го води личност која, според нив, е „путинист што ја негира Охридската рамковна спогодба“, тогаш – треба да излезат на избори.
Понатаму, ДУИ ги прашува политичките чинители дали навистина мислат дека е прифатливо укинувањето на балансерот за етничка застапеност, спроведувањето на исклучиво етнички вработувања, исфрлањето на дијаспората од процесот на пописот, како и одбивањето да се преговара во име на државата.
Дополнително, партијата потсетува на ситуацијата со инспекторите за употреба на албанскиот јазик, кои поднеле оставки поради четиримесечно неплаќање на плати – уште еден доказ, според ДУИ, за погрешната насока во која се движи државната политика кон Албанците.
„Ако сметате дека ова е вистинскиот пат за Албанците – ајде на избори!“ повикува ДУИ.
„Оној што е сигурен во исправноста на својот пат – нема од што да се плаши. ДУИ не се плаши од народот. Ние го слушаме, го почитуваме и веруваме во него. Ако и вие го правите истото – АЈДЕ НА ИЗБОРИ! Ние сме подготвени!“, се вели на крајот од соопштението.