ДУИ: Опасната реторика на Мицкоски ги обединува Албанците
Демократската унија за интеграција (ДУИ) жестоко реагираше на најновото јавно обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за користење на реторика која, според нив, носи опасни поделби и дискриминација, особено кон албанската заедница во земјата.
Во соопштението од ДУИ се наведува дека Мицкоски, наместо да се посвети на реформите, економската стабилност и европските интеграции, повторно се враќа на националистичка реторика со која „одредува кој е прифатлив Албанец, а кој не“. Партијата оваа практика ја споредува со политиките од мрачните деведесетти години, потсетувајќи на времето на Милошевиќ.
ДУИ предупредува дека ваквиот пристап има опасни последици, но истовремено укажува дека предизвикува и обратен ефект – зголемување на единството меѓу Албанците во земјата. Според партијата, дури и најголемите политички противници меѓу Албанците се сплотуваат околу една заедничка цел – одбрана на достоинството, политичката автономија и иднината на албанската заедница.
„Ова е обид да се врати времето кога другите одлучуваа во име на Албанците, кога тие беа третирани како статистика, а не како рамноправни граѓани“, стои во реакцијата.
ДУИ испраќа и јасна порака до останатите албански политички субјекти, особено до оние од коалицијата Влен, кои според нив и понатаму се на власт благодарение на поддршката од Мицкоски. Од нив се бара да заземат став – дали ќе останат „соучесници во политика на поделба и омаловажување“ или ќе застанат на страната на народот.
„Гласот на Албанците станува сè погласен и јасен: доста е со понижување! Ако не го слушнете сега, ќе го слушнете на избори, какви и да се тие“, порачуваат од ДУИ.
Оваа изјава доаѓа во време на зголемени политички тензии и непосредно пред важни изборни процеси, при што се очекува прашањата на меѓуетничките односи да играат клучна улога во политичката агенда.