16 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Внатрешниот долг на државата достигна загрижувачки ниво од 4,3 милијарди евра, што претставува јасен сигнал дека економската политика на Владата не успева да го задржи долгот под контрола. Податоците покажуваат континуиран раст на задолжувањето кај домашните кредитори – банки, пензиски фондови и осигурителни компании – што отвора сериозни прашања за одржливоста на јавните финансии.
Според последните информации од Министерството за финансии, до крајот на февруари оваа година долгот на државата по основ на државни хартии од вредност изнесува 4.310.000.000 евра, со постојан тренд на раст во изминатиот период. Само во споредба со истиот месец минатата година, задолжувањето е зголемено за 572,5 милиони евра, а растот се бележи секој месец. Дополнително, само во првите два месеци од годинава, внатрешниот долг е зголемен за 34 милиони евра.
Особено загрижува фактот дека во последните неколку години задолжувањето речиси се удвои. Во 2022 година износот на издадени државни хартии од вредност бил околу 2,4 милијарди евра, додека денес се приближува до 4,3 милијарди евра. Тоа значи дека за релативно краток период државата создаде дополнителен долг од речиси две милијарди евра кон домашните финансиери.
Најголем дел од овие средства доаѓаат од пензиските фондови, кои држат повеќе од 2 милијарди евра или околу 47% од вкупниот долг. Зад нив се комерцијалните банки со повеќе од 1,5 милијарди евра и учество од околу 35%. Оваа структура на задолжување значи дека голем дел од парите што треба да обезбедат сигурност за пензиите на граѓаните се всушност позајмени на државата.
Дополнителен проблем претставува и рокот на отплата. Повеќе од половина од кредитите, односно околу 2,25 милијарди евра, се преку владини обврзници со рок на доспевање од 15 години. Иако долгите рокови можат да ја намалат краткорочната финансиска тежина, тие истовремено ја префрлаат обврската на идните генерации, кои ќе мора да го враќаат денешното задолжување.
Владата често го оправдува задолжувањето со аргументот дека станува збор за „нов кредит за отплата на стар“. Но бројките покажуваат дека не се работи само за рефинансирање, туку и за создавање нов долг, што постепено ја зголемува финансиската зависност на државата.
Последиците од ова веќе се чувствуваат во буџетот. Само оваа година се предвидува 323,6 милиони евра да се потрошат за отплата на внатрешниот долг, додека за надворешниот долг треба да се вратат речиси 1 милијарда евра. Дополнително, околу 6% од буџетот се троши исклучиво за плаќање камати – средства кои би можеле да се насочат кон инфраструктура, здравство или образование.
Според буџетските проекции, јавниот долг годинава ќе достигне околу 62% од БДП, што е над границата од 60% која самата држава ја постави како цел за фискална стабилност. Доколку трендот на задолжување продолжи со исто темпо, ризикот од понатамошно зголемување на долгот и притисок врз јавните финансии станува сè поочигледен.
Наместо стратегија за постепено намалување на задолжувањето, државата се соочува со реалност во која долгот постојано расте. Без поодговорна фискална политика и поефикасно управување со јавните средства, постои опасност финансискиот товар да стане уште поголем за граѓаните во иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

