Денеска е Свети Марко, апостол и евангелист
Денес православните христијани го празнуваат Свети Марко, апостол и евангелист, познат како близок соработник и придружник на апостолот Петар. Петар во своето Прво послание го нарекува „син свој“, не по тело, туку по дух, истакнувајќи ја нивната силна духовна врска.
Кога Свети Марко престојувал во Рим со апостолот Петар, верните го замолиле да ја запише спасителната наука на Господ Исус Христос, Неговите чуда и животот Негов. Така настанало Светото Евангелие според Марко, кое самиот апостол Петар го посведочил како вистинито. Петар го ракоположил Марко за епископ и го испратил на мисионерска служба во Мисир (денешен Египет).
Во тоа време, Мисир бил земја обвиена со темнината на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош, Свети Марко успеал да го посее семето на христијанската вера низ Ливија, Амоникија и Пентапол. Воден од Божјиот Дух, пристигнал и во Александрија, каде ја основал Црквата Божја. Таму поставил епископ, свештеници и ѓакони, цврсто утврдувајќи ја заедницата во верата. Со својата проповед и со големите чуда што ги правел, Свети Марко успеал да ја прошири Христовата вера и да ја зајакне новоформираната христијанска заедница.
Но, неговата мисија не поминала без отпор. Незнабошците, гледајќи во него закана за нивната идолопоклоничка вера, подигнале обвиненија против него. Кога градоначалникот почнал да го бара, Свети Марко се повлекол во Пентапол, каде продолжил со својата мисионерска работа. По две години, на радост на верните, се вратил во Александрија, каде го фатиле и го подложиле на страшни маки.
Незнабожците го врзале и го влечеле по калдрмите, извикувајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сериозно повреден, бил фрлен во затвор, каде најнапред му се јавил ангел кој го храбрел, а потоа и самиот Господ Исус Христос, кој му рекол: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ На тоа Марко одговорил: „И на Тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента бил повторно извлечен на улица, каде, изнемоштен и на работ на силите, ги изустил последните зборови: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и ја предал својата душа на Бога.
Христијаните чесно ги погребале неговите мошти, кои со векови им даруваат исцеление на многумина страдалници и болни.