Денес е Свети пророк Еремија еве ги обичаите и верувањата за овај празиник
Светиот пророк Еремија е една од најзначајните библиски личности, чијашто судбина и дело оставиле длабок белег и во духовната традиција на македонскиот народ. Тој е познат како пророкот кој уште пред падот на Јудеја претскажал 70-годишно ропство под власта на Вавилон. Ова пророштво се остварило кога царот Набуходоносор го нападнал и разрушил Ерусалим, заробувајќи многу Евреи.
По оваа трагедија, Еремија не останал рамнодушен. Со голема тага и болка ги излеал своите чувства во „Книга плач Еремиин“ – едно од најемотивните сведоштва за страдањето на народот и уништувањето на светото место. Но неговата пророчка визија не завршува тука. Тој претскажал и дека при раѓањето на Исус Христос, ќе бидат убиени многу деца, што исто така се исполнува во Новиот Завет со масакрот наредeн од Ирод.
Празнување на Еремија во народната традиција
Во македонската народна традиција, Еремија се слави како еден од поголемите пролетни празници. Денот е посветен не само на споменот за пророкот, туку и на магиската заштита од змии, гуштери и други влекачи. Обичаите поврзани со овој празник имаат за цел да ја отфрлат опасноста од овие животни со ритуали кои комбинираат оган, чад, заклинанија и песна.
Е. Спространов, хроничар на охридските обичаи, забележал интересен ритуал што се изведува во пресрет на празникот: „вечерта на стемнување ги падат змиите“. Се пали оган во метална сад (кацја), врз него се фрла ќуќур (вид билка), и се оди по дупки каде што се претпоставува дека има змии. Таму се тропа со маша и се изговара:
„Бегај, бегај, гадуријо,
ето ти ја Еремија,
ќе ти мотат черевата
со железно мотојло.“
По ритуалот, кацјата се остава да згасне, а јаглените рано наутро се фрлаат на буниште – симболично протерување на злото.