16 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Европската комисија официјално ги одби сите предлози доставени од превозниците од земјите од Западен Балкан за изнаоѓање компромис околу ограничувањето на престојот во Шенген зоната според правилото 90 дена во период од 180 дена. Од Брисел јасно порачаа дека ова правило останува непроменето и дека нема да има посебни исклучоци за професионалните возачи.
Со ова практично се потврдува претходната позиција на Европската комисија, против која транспортните компании организираа координирани протести и блокади на товарните гранични премини кон земјите од Шенген зоната. Меѓу блокираните премини беа Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
На 29 јануари годинава, министерот за транспорт Александар Николоски објави дека добил „одлични вести“ од Брисел во врска со проблемот со кој се соочуваат македонските превозници.
„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, соопшти тогаш Николоски.
Во документот што го објави министерот се наведува дека Европска комисија ќе соработува со земјите членки за да се изнајдат прагматични решенија со цел да се овозможат продолжени краткорочни престои за одредени категории државјани на трети земји.
По оваа објава, истата вечер беа суспендирани блокадите на граничните премини. Од Владата беше соопштено дека Комисијата ќе се обврзе да процени можни корективни мерки за превозниците од Западен Балкан.
Сепак, најновата потврда од Европската комисија покажува дека нема да има специјални измени на правилото 90/180 за превозниците. Наместо тоа, тие ќе мора да се прилагодат на постојниот режим на престој во Шенген зоната.
Оваа позиција директно ја доведува во прашање изјавата дека возачите се „прифатени како професионалци“ во контекст на посебен режим на престој.
Главниот аргумент на превозниците, претставени од Асоцијацијата „Макам транс“ и други здруженија од регионот, се однесува на новиот Entry/Exit System (EES). Станува збор за дигитален систем на Европската унија кој прецизно ги евидентира деновите на влез и излез на државјани од трети земји во Шенген зоната.
Според превозниците, со строгото броење на деновите, професионалните возачи практично ќе можат да работат само околу 15 дена месечно во рамки на Шенген зоната, што сериозно ја нарушува економската одржливост на транспортните компании.
Тие не бараат повластен третман, туку, како што велат, да бидат третирани како работници во извршување на меѓународен транспорт, а не како туристи кои престојуваат во Шенген зоната за приватни цели.
Останува отворено прашањето дали Владата погрешно ги интерпретирала сигналите од Брисел или јавноста била прерано информирана за наводен успех. Факт е дека конечната позиција на Европската комисија не предвидува конкретни олеснувања, што повторно ги става превозниците пред сериозен оперативен и финансиски предизвик.
Во меѓувреме, транспортниот сектор очекува појаснување од институциите – дали и какви дополнителни чекори ќе бидат преземени за да се амортизира ударот од примената на правилото 90/180 врз професионалните возачи од регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

