26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Јавна полемика се разви меѓу актуелниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот претходник Бујар Османи околу толкувањето на Охридскиот рамковен договор и прашањето на унитарниот карактер на државата. Несогласувањата произлегоа поради различните гледишта за иднината на мултиетничкиот модел на Македонија и начините за заштита на нејзиниот уставен поредок.
Муцунски, во интервју за телевизијата Канал 5, го обвини Османи дека преку неговата кандидатура за градоначалник на општина Чаир испратил „опасни наративи“ кои, според него, ги поткопуваат темелите на унитарната држава и ја загрозуваат регионалната стабилност.
„Зборуваше за т.н. автономија во одлучувањето, практично отвараше теми за создавање држава во држава. Јасно треба да му биде дадено до знаење дека унитарниот карактер никој нема да го наруши. Оваа држава, ниту била ниту ќе биде федерација или конфедерација. Ваквите повици се опасен наратив,“ изјави Муцунски.
На ваквите обвинувања, Османи возврати преку објава на својот профил на Фејсбук, во која нагласи дека Охридскиот рамковен договор всушност е модел кој го зајакнува соживотот и унитарноста на државата, преку функционални механизми за заштита на колективните права.
„Начелата и принципите на Охридскиот мировен договор ја одразуваат современата идеја за соживот и функционална унитарност. Вистинското вреднување на овој механизам не ја загрозува, туку ја зајакнува внатрешната кохезија како основно врзивно ткиво на унитарноста на државата,“ напиша Османи.
Тој предупреди дека секој што го оспорува овој модел, според него, „директно удира во темелите на современата државност и интересите на сите граѓани“, повикувајќи на почитување на духот и одредбите на Охридскиот договор, меѓу кои правичната застапеност, децентрализацијата и унапредувањето на колективните права.
„Охрид не е проблемот – Охрид е решението. Исто како и Преспа, исто како и Договорот за пријателство со Бугарија. Тој што не го разбира тоа или не сака да ја прифати таа реалност, директно и наштетува на иднината на земјата,“ заклучи Османи.
Оваа размена на ставови ја реафирмира чувствителноста на политичките дебати околу меѓуетничките односи и идниот уставен развој на Македонија, поставувајќи уште еднаш во фокусот балансот меѓу унитарноста и мултиетничкиот карактер на државата.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација