14 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
По измените во Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), испораката на онлајн-пратките во земјава се соочува со забавување поради засилените царински процедури. Од „Пошта на Северна Македонија“ информираат дека новите законски обврски значително го зголемиле обемот на пратки кои мора да поминат низ детална царинска контрола, што директно влијае врз времето на достава.
Од 18 декември минатата година стапи во сила измената со која се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн-пратки со вредност до 22 евра. Со тоа, сите пратки нарачани преку странски интернет-платформи, без оглед на нивната вредност, задолжително подлежат на пресметка и наплата на данок, како и на царински преглед.
Од „Пошта на Северна Македонија“ посочуваат дека заедно со Царинската управа работат на изнаоѓање решенија за поефикасно спроведување на процедурите и за намалување на застојот во испораката. Воедно, апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека се прилагодува системот на новите законски правила.
Министерството за финансии претходно образложи дека измените во Законот за ДДВ имаат за цел зајакнување на домашната економија и создавање пофер пазарни услови. Според проценките, околу 4 милиони денари месечно, кои досега завршувале кај странските онлајн-продавници, ќе се пренасочат кон домашните стопански субјекти.
Овие средства, според ресорното министерство, треба да придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и подобрување на платите. Истовремено, новиот систем треба да ја намали сивата економија, бидејќи претходниот модел овозможувал злоупотреби – увоз на стоки без ДДВ кои подоцна се продавале на домашниот пазар.
Во регистарот на лиценци на Агенцијата за пошти се евидентирани 29 компании. „Пошта на РСМ“ е единствената со индивидуална дозвола за обезбедување универзална поштенска услуга, додека останатите оператори работат врз основа на општо овластување.
Новите законски решенија, според надлежните институции, треба да обезбедат фер и контролирана пазарна средина, со почитување на даночните и царинските обврски од страна на сите увозници и трговци. Иако граѓаните во моментов се соочуваат со подолг рок на испорака, институциите уверуваат дека станува збор за преоден период додека системот целосно се усогласи со новите правила.
Еден од само 50 Maserati Grecale Tributo Il Bruciato е во сопственост на Бугарка
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

