Брисел разочаран: Мицкоски бара невозможни работи, а времето истекува
Европската Унија полека, но сигурно, ја губи довербата во македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Иако на почетокот по изборите во 2024 година во Брисел постоеше умерен оптимизам дека новата влада ќе направи чекори напред кон европската агенда, денес тој оптимизам е речиси исчезнат. Според дипломатски извори, разочарувањето произлегува од серијата барања и очекувања на Мицкоски кои се оценети како нереални и неусогласени со европската практика.
Мицкоски бара одложена имплементација на уставните измени, кои се клучен услов за напредокот на земјата во евроинтеграциите. Дополнително, бара од Бугарија да ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да усвои декларација за признавање на македонското малцинство. Во Брисел велат дека ЕУ не функционира на основа на билатерални гаранции од ваков тип и дека премиерот, како и Владата, мора да сфатат дека барањата кои ги поставуваат не се остварливи во рамките на европските институции.
Она што дополнително ја поткопува довербата се пропуштените шанси за промена на политичкиот курс. Во ЕУ потсетуваат дека Мицкоски имал неколку прилики да го смени наративот и да покаже политичка зрелост, но ги пропуштил – било поради внатрешни политички пресметки или поради фокусираноста на претстојните локални избори. Во исто време, прашања се отвораат и околу македонската надворешна политика, особено по неодамнешните гласaња во Обединетите нации и Советот на Европа, кои оставиле впечаток на несинхронизираност со европските партнери.
„Македонија треба искрено да си одговори: дали сака да оди кон Европската Унија или сака да биде уште поблизок партнер на САД?“ – коментираат европски претставници. Овие зборови се сигнал дека од Македонија се очекува појасна определба и конкретни чекори, наместо дипломатски маневри.
Од македонска страна, експерти и политичари посочуваат дека стратешкото партнерство со САД не значи напуштање на европскиот пат. Тие сметаат дека Македонија може и треба да одржува силни врски и со Вашингтон и со Брисел, бидејќи двете насоки се комплементарни, а не спротивставени.
Во наредниот период ќе стане јасно дали македонската влада ќе успее да го врати изгубеното европско доверие или ќе продолжи да се соочува со растечко разочарување од европските партнери.