Беким Сали: Таравари призна дека комуницирал со Ахмети, вратата му е затворена
Во гостување на телевизија Телма, Беким Сали од коалицијата „ВРЕДИ“ откри дека Арбен Таравари признал дека има директна комуникација со Али Ахмети, лидерот на ДУИ.
„Директно го прашавме господинот Таравари дали има комуникација со господинот Ахмети, на што тој потврдно ни одговори“, изјави Сали.
Ова признание, според Сали, предизвикало шок и разочараност кај јавноста и коалиционите партнери. Тој посочи дека комуникацијата помеѓу Таравари и Ахмети се одвивала тајно, на „перфиден“ начин, така што партнерите од „ВРЕДИ“ дознале преку други извори, а не директно од Таравари.
„Тука почнаа превирањата – дали треба да се продолжи соработката со Алијанса на Албанците и со господинот Таравари или не. На крај, дојдовме до заклучок дека господинот Таравари не може да се врати“, објасни Сали.
Тој додаде дека Таравари инсистирал на одвоени листи за советници, но со кандидати за кои би можело да се постигне договор и со „ВРЕДИ“ и со ДУИ. „Тоа негово инсистирање го оддалечи Таравари од ‘ВРЕДИ’. Не се партиите, не се лидерите тие што му кажаа дека вратата му е затворена – тој сам се самоопредели да биде дел од кауза која не е мисија на ‘ВРЕДИ’“, потенцираше Сали.
Со ова, според него, е јасно дека „ВРЕДИ“ ја завршува соработката со Таравари, ставајќи крај на оваа политичка епизода.