08 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Педесетина работници од тетовско-гостиварскиот регион кои беа ангажирани на изградбата на автопатот од Коридорот 8 денеска одржаа јавен собир пред базата на компанијата „Бехтел и Енка“. Тие го изразија својот револт откако, како што велат, без претходна најава биле отпуштени од работа и покрај тоа што имале активни договори.
Според нивните тврдења, утрото кога дошле на работа им бил предочен список со имиња и им било соопштено дека истиот ден им престанува работниот ангажман.
„Сабајлево дојдовме на работа и ни дадоа список. Ни кажаа дека до денеска сме на работа и дека договорот повеќе не ни важи. Има колеги кои до четврти, петти, шести, седми месец имаа договор, но ни рекоа дека тоа е тоа. Ни рекоа дека државата не дава средства и финансии и поради тоа немале средства да нè држат и да ни даваат плата и затоа нè отпуштаат“, изјави Стојанче Ристовски, кој работел како возач на товарно возило.
Отпуштените работници тврдат дека прекинот на работниот ангажман се спроведува селективно и дека одлуката се однесува само на работниците од Македонија. Според нив, странските работници ангажирани на проектот – од Индија, Турција и други земји – продолжуваат да работат.
„Ние тука не сме ни пет проценти локални работници, а требаше да бидеме 70 проценти. Наместо тоа, сега и ние малкумина што сме од Македонија нè бркаат. Странските работници остануваат, а за нас Владата наводно немала пари“, изјави работникот Јетон Фариу.
Од Министерството за транспорт, пак, велат дека Владата навремено ги исплатила сите фактури кон изведувачот и дека државата нема обврска да се меша во одлуките поврзани со бројот на работници.
„Во однос на бројот на работници, компаниите кои работат во име на изведувачот како подизведувачи и ангажирањето машини или друга опрема се договорни обврски на изведувачот ‘Бехтел и Енка’. Владата, Министерството за транспорт и ЈПДП како инвеститори немаат обврски во тој дел“, информираат од Министерството.
Оттаму додаваат дека проектот се реализира согласно предвидените рокови и дека динамиката на работите останува непроменета.
Од канцеларијата на „Бехтел и Енка“ во Скопје истакнуваат дека се горди на своето искуство во изградба на автопати низ Централна и Источна Европа, нагласувајќи дека во своите проекти традиционално им даваат приоритет на локалните работници и заедници.
Според компанијата, во текот на реализацијата на големите инфраструктурни проекти често се вршат прилагодувања на бројот на работници во зависност од фазите на изградба.
„Тесно соработуваме со Владата на Северна Македонија за да ги усогласиме градежните активности со тековните национални приоритети. Ова вклучува прилагодување на нивоата на работна сила во различни фази од проектот за да се задоволат оперативните потреби“, соопштија од „Бехтел и Енка“.
Од компанијата потврдуваат дека проектот бележи напредок и дека остануваат посветени на партнерството со Владата за изградба на автопатска инфраструктура која ќе ја подобри поврзаноста и ќе придонесе за економски развој. Тие исто така нагласуваат дека сите фактури до овој момент се целосно исплатени од страна на Владата.
Денеска 9 март 2026 година се празнува Наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител
Саше Политико: УДБА е премногу укопана за Заев да го решeше бугарското прашање
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

