06 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, остро реагира на одлуката на актуелниот градоначалник Орце Георгиевски да ги прогласи за дивоградби патеките и седиштата на отворено, изградени во нејзиниот мандат.
Според Арсовска, ваквиот потег е политички мотивиран и има за цел да го сврти вниманието од, како што тврди, сериозни нерегуларности поврзани со дивоградби во општина Чаир. Таа посочува дека во јавноста веќе обелоденила информации за околу 150 спорни објекти, за кои, како што наведува, постои документација доставена до обвинителството.
Во објава на социјалните мрежи, Арсовска директно го обвини Георгиевски дека постапува „по наредба“ на Изет Меџити и Висар Ганиу, со цел да се дефокусира јавноста.
„ПАТЕКИ и СЕДИШТА!!! Сериозен си??“, прашува Арсовска, нагласувајќи дека за ваков тип урбана опрема, според закон, не е потребна градежна дозвола.
Таа дополнително обвинува дека институциите не постапуваат соодветно по доставените докази, кои, како што наведува, содржат над 3.200 страници документација за наводни фалсификати и незаконски активности.
Арсовска тврди дека дел од обвинителствата молчат, додека други веќе започнале со апсења и притвори поврзани со случајот со дивоградбите во Чаир.
„Вистината не може да се сокрие“, порачува таа, додавајќи дека сите докази, вклучително и аудио и документарни материјали, ќе излезат во јавност „кога треба“.
Од друга страна, засега нема официјален одговор од градоначалникот Георгиевски во врска со обвинувањата на Арсовска.
Случајот отвора нова етапа во политичките тензии околу урбанизмот и законитоста на градежните активности во главниот град, тема која останува во фокусот на јавноста.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

