Арбен Таравари ќе ја напушти Владата по разговорите со Мицкоски и ВЛЕН
По средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и коалицијата ВЛЕН, според информации на Алсат, Арбен Таравари ќе ја напушти Владата. Оваа одлука се очекува по продолжението на разговорите што беа најавени вчера, како и по вечерашната средба меѓу Мицкоски и ВЛЕН.
Од кабинетот на премиерот информираа дека состанокот поминал во конструктивна атмосфера, со нагласок на партнерството и реформите. „Конструктивна средба во пријателски и партнерски дух. Беа разгледани сите реформски прашања, волјата на граѓаните за реформи, борбата против криминалот и промените во системот што ги оставија ДУИ и СДСМ. Граѓаните нема да бидат разочарани. Разговорите продолжуваат“, се наведува во соопштението.
Своја реакција имаше и Зекирја Ибрахими од Алијанса за Албанците/ВЛЕН, кој истакна дека „непринципиелната политика на две фотелји завршила“ и дека „не може истовремено да се биде и со ДУИ и во Владата“, со директна алузија на Таравари.
Интересна беше и реакцијата на самиот Таравари, кој уште пред завршувањето на средбата меѓу ВЛЕН и Мицкоски се огласи на Фејсбук со кратка, иронична порака: „Не вреди.“
Во наредните денови се очекува да се следи развојот на настаните и да стане појасно кога и како точно ќе се реализира заминувањето на Таравари, како и како тоа ќе се одрази врз понатамошниот тек на политичките случувања во земјата.