Апасиев во Москва: шамар за европските вредности и евроинтеграциите
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, со своето присуство на воената парада во Москва по повод 9 Мај – Денот на победата, испрати порака што директно се коси со европските вредности и ја поткопува стратешката определба на Северна Македонија за членство во Европската Унија.
На социјалните мрежи Апасиев гордо се пофали со фотографија од официјалната покана за парадата на Црвениот плоштад, како да не постои војна во Украина, како да нема европски санкции кон Москва, и како да не постои јасна порака од Брисел.
Игнорирање на јасните предупредувања од ЕУ
Европската Унија јасно предупреди: не одете во Москва. Високиот претставник за надворешна политика, Каија Калас, порача дека „учеството на 9 Мај во Москва нема да се сфати лесно од европската страна“, потенцирајќи дека тоа е спротивно на заедничката позиција за солидарност со Украина и осуда на руската агресија.
Ова не беше обична препорака – тоа беше дипломатски сигнал до сите земји кандидати, вклучително и до Северна Македонија, дека неутралноста или, уште полошо, симболичката поддршка на Русија, е недозволива во време на војна.
Симболична поддршка на агресорот
Русија ја користи парадата на 9 Мај не само како историска комеморација, туку како пропагандна платформа за легитимирање на својата агресија врз Украина. Присуството на Апасиев таму е повеќе од личен гест – тоа е јавна порака, свесна или несвесна, на поддршка за режимот во Москва. Исто така, Украина јавно апелираше до сите странски држави да го бојкотираат настанот, нагласувајќи дека учеството значи поддршка на агресорот.
Поткопување на европската интеграција
Во момент кога земјите од регионот се обидуваат да покажат зрелост и одговорност пред ЕУ, Апасиев оди спротивно на струјата, а со тоа ја турка Северна Македонија кон дипломатска изолација. Такви потези оставаат впечаток дека земјата нема капацитет за одговорна надворешна политика и дека е подготвена да ги жртвува европските аспирации заради внатрешнополитички поени.