Апасиев: Премиерот енергетичар ја остави пола Македонија без струја
Рано утрово голем дел од Македонија остана без електрична енергија, што предизвика реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Меѓу првите што го коментираа прекинот со струјата беше лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.
Тој иронично се осврна на инцидентот, критикувајќи го премиерот Христијан Мицкоски, кој по професија е енергетичар.
„Премиерот енергетичар ноќеска ја остави пола Македонија без струја! Ами да не беше енергетичар, цела ќе беше без струја. Така може да гледаме на работите“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Од АД МЕПСО информираа дека причината за прекинот е поради високи напони на 400 киловолтната мрежа, кои биле регистрирани во целиот регион. Тоа довело до краткотрајни испади на трансформаторите со напон од 400/110 киловолти во трансформаторските станици низ државата.
Од компанијата посочуваат дека станува збор за регионален, па дури и европски проблем, кој не е ограничен само на Македонија.
Иако надлежните институции работат на стабилизирање на системот, прекинот отвори простор за политички препукувања, особено поради експертизата на премиерот во областа на енергетиката.