26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска на Универзитетот во Тетово се одржа дебата за новиот Закон за високо образование, на која присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По завршувањето на дискусијата за законските измени, следуваше вербална расправија меѓу министерката и дел од новинарите, поврзана со употребата на албанскиот јазик и потребата од превод на изјавите.
Новинарите побараа Јаневска да има сопствен преведувач, со оглед дека дел од прашањата беа поставени на албански јазик. Таа одговори дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и дека не смета оти треба да има преведувач.
„Македонија има еден службен јазик и друг јазик што го зборуваат заедниците. Се наоѓам во Тетово, каде што се зборува албанскиот јазик. Не треба јас да имам преведувач, туку вие треба да го знаете македонскиот јазик. Јас малку разбирам, но за да не дојде до грешка во преводот, ве молам да ми преведете на најкултурен начин“, изјави министерката.
Настанот предизвика реакции во јавноста, особено поради чувствителноста на прашањето за употребата на јазиците во институциите и јавната комуникација. Дебатата за новиот Закон за високо образование, која беше во фокусот на настанот, остана во сенка на расправијата околу јазичната комуникација.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

