06 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Иако формално се запишуваат во основното образование, голем дел од децата Роми или воопшто не го посетуваат училиштето или, пак, го напуштаат по одреден период. Ова е повеќегодишен проблем кој досега требало да биде надминат, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на прес-конференција.
Според Јаневска, во основното образование постои одличен опфат на ученици, но кај ромската заедница е присутен сериозен проблем со таканаречениот „дроп-аут“, односно напуштање на училиштето.
„Проблемот е што кај Ромите имаме инклузија и голем дроп-аут. Тие воглавно се запишуваат на училиште, но потоа или воопшто не го посетуваат или извесен период се таму, па излегуваат. Во одредени средини, и кога има дроп-аут, децата формално се водат како редовни ученици“, истакна министерката.
Како дополнителен предизвик, Јаневска го посочи и честото привремено иселување на ромските семејства надвор од државата. По нивното враќање, децата се соочуваат со административни проблеми, особено со нострификација на завршените одделенија во странство, што дополнително го отежнува нивното продолжување на образованието.
Со цел да се подобри состојбата, Министерството за образование и наука ангажирало 40 ромски образовни медијатори, чија задача е да ја подигнат свеста кај родителите за значењето на редовното школување на децата.
Дополнително, Јаневска информира дека училиштето Макаренко, во соработка со Центар за образование на возрасни, овозможува лицата од ромската заедница, и со надмината училишна возраст, да стекнат основно и средно образование.
„Потребно е само да се пријават. Образованието е целосно бесплатно“, нагласи министерката.
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

