10 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Професорот Оливер Андонов во подкастот Почетна пресметка отвори низа прашања поврзани со европската интеграција на државата, идентитетските дилеми и политичката позиционираност на клучните партии во пресрет на изборите.
Андонов истакна дека, според него, неопходно е јасно политичко расчистување околу стратешката насока на државата. Тој порача дека доколку постои став дека земјата не треба да биде дел од Европска Унија, тогаш тоа треба отворено да се каже пред граѓаните и да се потврди на избори.
„Да им се каже на граѓаните – не сакаме во ЕУ, па на следните избори тие да потврдат дали навистина не сакаат во ЕУ и да гласаат за таа политика. Или, пак, да кажат дека сакаат во ЕУ и да изберат друга опција“, нагласи Андонов.
Според него, изборите треба да бидат јасна политичка пресметка околу европската иднина на земјата.
Професорот постави и прашање за идеолошката конзистентност на ВМРО-ДПМНЕ. Тој потсети на основните програмски определби на партијата – Македонија како членка на НАТО, дел од Европската Унија и западната демократска заедница.
„Дали ќе останеме на тие темели или ќе станеме привезок на Србија, на Русија, на рускиот или српскиот свет?“, праша Андонов, оценувајќи дека токму ова е суштинската дилема што треба да им се понуди на граѓаните како јасна политичка алтернатива.
Во делот од разговорот што се однесува на односите со Бугарија, Андонов го проблематизираше користењето на терминот „бугаризација“. Според него, доколку граѓаните масовно вадат бугарски пасоши за да обезбедат пристап до пазарот на труд и бенефициите на ЕУ, тоа фактички претставува процес што има демографски и идентитетски импликации.
„Ако велите дека нема да дозволите бугаризација, а луѓето ги терате да вадат бугарски пасоши за да имаат перспектива, тогаш што е тоа ако не индиректна бугаризација?“, посочи тој.
Андонов предупреди и на можни последици доколку земјата остане надвор од европските интеграции. Тој оцени дека во таков случај би можело да дојде до засилена миграција – како на Македонците, така и на македонските Албанци – кои би барале државјанства или престој во земји членки на ЕУ заради економски и социјални причини.
Според неговата анализа, тоа би довело до демографско празнење на државата и дополнителни структурни предизвици, вклучително и можен прием на мигранти за пополнување на празнините на пазарот на труд.
Во заклучок, професорот нагласи дека клучното прашање не е реторичко, туку суштинско: дали државата ќе продолжи по патот на евроатлантската интеграција или ќе се позиционира во поинаков геополитички правец.
Според него, токму таа дилема треба транспарентно да им се понуди на граѓаните, за тие на избори да донесат информирана и јасна одлука за иднината на земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

