Американската амбасадорка со порака: Ставете ги Бугарите во Уставот за да влезете во ЕУ!
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, упати јасна порака до македонските политички лидери, повикувајќи ги да ја искористат историската можност за приклучување на земјата кон Европската Унија. Во изјава за неделникот Фокус, Агелер нагласи дека членството во ЕУ претставува пат што има смисла од секој аспект – географски, политички и стратешки.
„Како амбасадор на САД, цврсто верувам дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Иако не сме дел од Унијата, јасно ги гледаме придобивките што тоа ќе ги донесе за граѓаните – во трговијата, инфраструктурата, владеењето на правото и борбата против корупцијата“, изјави Агелер, притоа нагласувајќи дека разбира зошто дел од јавноста е разочарана од бавниот процес.
Таа потсети на сериозните отстапки што земјата ги направи – промената на името и знамето – со надеж дека тие ќе го забрзаат европскиот пат. Сепак, и покрај тие чекори, целта сè уште останува недостижна.
„Овие одлуки, без разлика колку се тешки, мора да се донесат. Брисел не е единствен глас – тоа е сложен сојуз на држави. Секогаш е разочарувачки кога реториката станува непотребно непријателска од кој било член“, додаде Агелер.
Таа истакна дека е неопходно да се продолжи со дијалогот и прагматичниот пристап, со акција и политичка волја. Според неа, силната поддршка од ЕУ е присутна, но топката сега е кај македонските лидери.
„Верувам дека лидерите на земјата треба да ја искористат можноста пред таа да им се лизне од рацете“, заврши Агелер.
Нејзината порака доаѓа во клучен момент, кога иднината на европската интеграција на Северна Македонија повторно станува централна тема во домашниот и меѓународниот политички дискурс.