25 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Албанија е на чекор поблиску до својата цел за полноправно членство во Европската Унија, откако на 23 јули 2025 година, Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ ја овласти Данска, која моментално претседава со Унијата, да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција за последната група на преговарачки поглавја.
Албанскиот премиер Еди Рама ја потврди веста, нарекувајќи го чекорот „историски“ за неговата земја. „Албанија не запира“, изјави Рама, додавајќи дека поканата се однесува на Групата 5, која ги опфаќа поглавјата за ресурси, земјоделство и кохезија. Според него, ова е резултат на континуираниот и динамичен напредок на Албанија во процесот на пристапување кон ЕУ.
Премиерот ја објави одлуката и на социјалната мрежа Фејсбук, посочувајќи дека поканата доаѓа по препорака на амбасадорите на сите 27 земји-членки на Унијата.
Своја изјава даде и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, која истакна дека Собранието целосно ќе ја поддржи презентацијата на преговарачката позиција, како и напорите и инвестициите поврзани со одржливиот рурален развој, модернизацијата на земјоделството и социјалната и територијална кохезија.
Следниот важен чекор за Тирана ќе биде шестата меѓувладина конференција, која се очекува да се одржи на почетокот на септември. Конференцијата ќе го означи официјалното отворање на последното преговарачко поглавје, со што ќе бидат отворени сите кластери, приближувајќи ја Албанија до целта за членство во ЕУ до 2030 година.
Албанија го поднесе своето барање за членство во ЕУ во 2009 година, а првата меѓувладина конференција со Унијата се одржа во 2022 година. Во изминатите години, нејзиниот напредок беше тесно поврзан со процесот на Северна Македонија, но од септември 2024 година Албанија започна самостојно да ги отвора поглавјата по новата методологија на преговори по кластери.
Премиерот Рама веќе неколку пати јавно изјави дека Албанија има за цел да ги затвори преговорите до 2027 година и да стане полноправна членка на Европската Унија до крајот на деценијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден