Аларм за лошите услови во болницата во Кочани: „Децата се оставени сами на себе“, велат од „Сапорт Кочани“
Хуманитарното здружение „Сапорт Кочани“ алармира за сериозно незадоволителни услови во кочанската болница за третман на повредените деца од неодамнешниот трагичен пожар. Фотографии од повредените, споделени на социјалните мрежи, имаат за цел да ја привлечат јавноста и институциите кон алармантната состојба, изјави Марко Димитриев од здружението во интервју за Радио Слободна Европа.
„Овие фотографии не се од најтешко повредените деца, туку од оние што се со средно тешки повреди и се во процес на рехабилитација. Во моментов над 50 деца имаат потреба од заздравување и соодветен третман“, вели Димитриев.
Тој објаснува дека „Сапорт Кочани“ е во контакт со партнери од Холандија, Германија и Бугарија за обезбедување на специјална компресивна облека – помагала како ракавици, стегачи за лице, гради и нозе – кои се неопходни за побрзо заздравување на повредените деца.
Болничките услови – причина за загриженост
И покрај првичната професионална и посветена реакција на лекарите, ситуацијата денес, според Димитриев, е загрижувачка.
„Има деца со отворени рани, со бактериски инфекции. Инфраструктурата во болницата е под секое ниво – тоалетите, просториите, сè тоа мора да се санира. Ние ги покануваме сите институции да дојдат и да ја видат реалната слика. Не зборуваме од слушнато, туку од она што секојдневно го гледаме“, предупредува тој.
Отворени за соработка
„Сапорт Кочани“ се декларира како целосно непартиска иницијатива, фокусирана исклучиво на доброто на повредените деца. Како што потенцира Димитриев, здружението е отворено за соработка со сите што искрено сакаат да помогнат – без разлика на политичка, институционална или друга припадност.
„Нашата прва цел беше сите деца да се вратат живи и здрави. Сега целта е што побрза и подобра рехабилитација. Институциите треба не само да реагираат, туку и да превенираат. Превенцијата е клучот“, додаде тој.
Барање за правда и одговорност
Родителите на загинатите деца бараат правда и целосно расветлување на причините за трагедијата. Според Димитриев, тие не сакаат селективна правда, туку бараат да се истера случајот до крај.
„Сапорт Кочани“ е формирана токму на денот на погребите на загинатите. Првично започната како иницијатива на тројца граѓани, денес здружението работи на дигитализација и транспарентност во собирањето и распределбата на донации.