Ахмети со силна порака до Мицкоски: „Ние не бараме Голема Албанија, туку Европа без граници“
Лидерот на ДУИ и еден од највлијателните политички актери во поновата историја на Северна Македонија, Али Ахмети, остро реагираше на чекорите на актуелната влада, директно упатувајќи критики до премиерот Христијан Мицкоски. Настапувајќи на собир во Арачиново, Ахмети испрати порака до македонската јавност дека Албанците не се закана, туку составен дел од државноста.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30 отсто, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста!“, рече Ахмети, отфрлајќи ги наводите за наводно преземање на државата од страна на Албанците.
Во директно обраќање до премиерот Мицкоски, Ахмети побара објаснување за потезите на владата кои, според него, го нарушуваат соживотот и стабилноста во земјата:
„Од овој собир во Арачиново, јавно му се обраќам на Христијан Мицкоски со барање да им објасни на албанските граѓани: Зошто го менува Законот за употреба на јазиците? Зошто го менува Охридскиот Мировен Договор? Зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“ – праша Ахмети.
Осврнувајќи се на реториката за таканаречени „чесни Албанци“, Ахмети предупреди на враќање на ретроградни идеологии и потсети на историјата:
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, рече тој.
Ахмети ја нагласи позицијата на Албанците во современата македонска држава, посочувајќи дека времето на потиснување завршило:
„Нѐ држите потиснати, исплашени, протерани – но тоа заврши. Денес, Албанците имаат три универзитети и илјадници професионални кадри. Ниту една сила не може да ја сопре оваа реалност!“, изјави тој.
Во завршницата на својот говор, Ахмети повторно ја отфрли идејата за територијални претензии, нагласувајќи дека визијата на неговото движење е европска:
„Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија – туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција. Западен Балкан обединет во Брисел, во мир и конечно помирување!“, заврши Ахмети.
Настапот на Ахмети доаѓа во период на зголемени политички тензии, со бројни дискусии околу иднината на меѓуетничките односи и уставните решенија во земјата.