57 милиони евра во опрема што собира прашина додека пациентите чекаат
И покрај инвестиција од речиси 58 милиони евра во современа медицинска опрема, значителен дел од неа сè уште не е ставен во функција или не се користи доволно, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Пациентите чекаат на здравствена услуга, додека скапата опрема стои неискористена во јавните здравствени установи низ државата.
Според ревизорските наоди, опрема во вредност од 13 милиони евра не е воопшто во употреба, а уште 5,5 милиони евра не се користат со полн капацитет. Најдрастичен пример се петте линеарни акцелератори за радиотерапија, инсталирани во повеќе градови, но нефункционални иако некои од нив се во мирување со години. За тоа време, единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје годишно третира над 2.300 пациенти, работејќи со преоптоварен кадар и амортизирана апаратура.
Ревизијата открива дека набавката на опремата често не се вршела врз основа на прецизни анализи. Честопати не биле обезбедени соодветни простории или подготвен кадар за работа со новите уреди. Дополнителен проблем е неажурираниот регистар на здравствени работници, што го отежнува планирањето на потребите. Особено загрижува фактот што бројот на радиолози од 2021 до 2023 година се намалил од 88 на 79.
На ниво на држава, во девет јавни здравствени установи се инсталирани 18 ангиографи, но дел од нив не се користат редовно поради недостиг на кадар и простор. Дури и кај уредите што се користат – како компјутерските томографи (КТ) – се бележат проблеми со закажување на термини и чести дефекти, бидејќи дел од апаратите се веќе амортизирани.
Ревизорите посочуваат и на сериозни проблеми со евиденцијата: податоците во системот „Мој Термин“, фондовскиот систем и во болниците не се совпаѓаат, што резултира со ненаплатени услуги од најмалку 247 илјади евра. Дополнително, дел од здравствените установи не ги отстрануваат нефункционалните уреди, вклучително и оние со радиоактивни елементи, што претставува закана за животната средина и зафаќа простор кој може да се користи за нова опрема.
Иако има најави за итни вработувања – како ангажманот на 600 приватни специјализанти до крајот на 2025 година – ревизорите бараат систематско планирање, ажурирани регистри, функционална евиденција на услугите и одржлив систем за одржување на скапата медицинска опрема. Без овие мерки, скапите машини ќе продолжат да собираат прашина, а пациентите – да чекаат.