Денеска се празнуваат Светите маченици Тимотеј и Мавра
Во историјата на христијанската Црква има безброј сведоштва за љубовта кон Бога што не познава страв, болка или смрт. Такви се и животите на Светите маченици Тимотеј и Мавра, како и на Преподобниот Теодосиј Киево-Печерски – светилници на верата, чија светост блеска низ вековите.
Светите маченици Тимотеј и Мавра
Тимотеј и Мавра се млади сопружници, чии животи беа запечатени со крстна смрт заради нивната непоколеблива вера во Христа. Само дваесет дена по нивната венчавка, беа изведени пред судот на намесникот Аријан, за време на големите прогони на христијаните под императорот Диоклецијан, во 286 година.
Тимотеј, кој бил чтец во црквата, храбро ја исповеда својата вера и одби да се откаже од неа дури и кога пред него беа изложени страшни справи за мачење. Со зборовите „Јас сум христијанин и чтец на Црквата Божја“, тој сведочеше за Христа. За неговата непоколебливост, беше брутално мачен – ушите му беа прободени со железна прачка, а очите му искочија од болка, потоа го обесија со главата надолу и му ставија дрво в уста.
Мавра, иако првично се исплашила, доби сила од својот маж и со храброст ја исповеда верата. Беше мачена со сечење на косата и отсекување на прстите. Но, Божјата благодат ги крепеше и двајцата.
На крајот, беа распнати на два крста еден спроти друг. Висеа живи девет дена, утешувајќи се и охрабрувајќи се меѓусебно во страдањата. На десеттиот ден Му го предадоа својот дух на Господ, постанувајќи маченици кои со својата љубов и вера го победија стравот од смртта.
Тропар на Светите маченици
Главите наши денес пред вас ги приклонуваме, о свети маченици Тимотее и Мавро,
за по вашите молитви да измолиме милост голема,
од Оној Кој во маките ви беше утеха, надеж во животот и пат кон вечноста.
Преподобен Теодосиј Киево-Печерски
Преподобен Теодосиј е еден од основоположниците на монаштвото во Русија, заедно со Свети Антониј. Роден со духовна жед од најрана младост, избегнуваше смеа и световни задоволства, а се предаваше на молитва и размислување за Бога. Неговата мајка не ја разбираше неговата побожност и често го казнуваше – особено откако откри дека носи железен појас под кошулата, по што крварел.
Вдлабочен во Христовите зборови дека никој не е достоен за Него ако повеќе ги љуби родителите од Него, Теодосиј го напушти домот и замина во Киево-Печерскиот манастир кај Преподобниот Антониј. Таму беше замонашен и со брзина ја надмина монашката заедница со својата смиреност, љубов, молитвеност и постојан подвиг.
Неговата мајка, трогната од неговата вера, подоцна и самата се замонаши. Теодосиј беше поставен за игумен, под чијшто раководство манастирот се прошири, се изградиле цркви и келии, а се воведе и Студитскиот устав. Бог го обдари со дар за чудотворство, лечење и духовен увид.
Се упокои мирно во 1074 година. Неговите мошти, заедно со оние на Свети Антониј, се светилиште за многу поклоници и сведоштво за светоста на нивниот живот.
Тропар на Преподобен Теодосиј
Возвисувајќи се добродетелно, од млад го возљуби монашкото живеење,
достигајќи до доблесни желби, се всели во пештерата,
и се украси твојот живот со пост и светлина:
пребивајќи како бесплотен во молитвите, засветли како силно светило во Руската земја.
Оче Теодосие, моли Го Христа Бога, да се спасат нашите души.