30 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Различни се патиштата по коишто Бог ги води оние што сакаат да Му угодат и да го исполнат Неговиот закон. Житието на Свети Алексеј човек Божји е силно сведоштво за смирение, одрекување и целосна посветеност на духовниот живот.
Во времето на царот Онориј, во Рим живеел угледниот царски достоинственик Ефтимијан, човек богат и почитуван, но уште повеќе познат по својата побожност. Со својата сопруга Аглаида живееле богоугодно, воздржано и милосрдно. Иако поседувал големо богатство, Ефтимијан јадел само еднаш дневно, по зајдисонце.
Нивниот единец, Алексеј, кога пораснал бил принуден да стапи во брак. Но, токму ноќта по свадбата, тој го напуштил домот, младата сопруга и целиот удобен живот, решен да Му служи единствено на Бога. Заминува со кораб кон градот Едеса во Месопотамија, каде што се наоѓал прочуениот нерукотворен лик на Господ Исус Христос, испратен до царот Авгар.
Таму, Алексеј се облекол како просјак и живеел во крајно смирение цели седумнаесет години, молејќи се во припратата на црквата на Пресвета Богородица. Кога народот почнал да го слави како праведник, тој, бегајќи од човечката слава, повторно заминал.
Сакајќи да стигне во Лаодикија, по Божја промисла, корабoт наместо тоа се вратил во Рим. Го препознал тоа како знак и одлучил да се врати во домот на својот татко, но како непознат. Не бил препознаен, а од милосрдие му било дозволено да живее во визба во дворот.
Таму поминал уште седумнаесет години во крајно трпение, живеејќи само од леб и вода. Иако слугите го малтретирале, тој сè поднесувал без роптање, останувајќи во молитва и смирение.
Пред својата смрт, на 17 март 411 година, напишал сведоштво за својот живот, го стиснал во раката и мирно ја предал душата. Во исто време, во црквата на Светите апостоли се слушнал глас: „Побарајте го човекот Божји“.
По долго барање, било откриено дека токму непознатиот просјак е Божјиот човек. Кога влегле во визбата, го нашле упокоен, а неговото лице блескало како сонце. Од напишаното сведоштво родителите дознале дека тоа е нивниот син, а неговата сопруга, која цели 34 години го чекала, го препознала својот маж.
Иако биле обземени од голема тага, утеха нашле во сознанието дека Бог го прославил Својот угодник. По неговата смрт се случиле многубројни чуда — болни се исцелувале од допирот на неговото тело, а од него потекло благоухано миро.
Свети Алексеј бил погребан со голема чест, во ковчег од мермер и смарагд, а неговите свети мошти и денес се почитуваат како извор на благодат и исцеление.
Овој светител останува пример за совршено одрекување од светските удобства и целосно предавање на Божјата волја — пат кој, иако тежок, води кон вечна слава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

